
Прославата по повод поканата за членство во НАТО и по повод утврдениот датум за преговори за членство во ЕУ чинела близу 180.000 евра, информираа денеска од Владата.
Согласно законските прописи Владата започна соодветни постапки за реализација и формираше Организационен одбор за одбележување на овој настан, предводен од м-р Роберт Алаѓозовски, Национален координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка. Организацијата на целиот настан, обезбедувањето на соодветна техника, озвучување, осветлување, бини, редари, технички персонал, сценска опрема, ангажман на 40-тина изведувачи коишто настапија во 15 градови ширум Македонија, транспорт на опрема и технички персонал, промоција на настаните, графички и визуелни решенија и активности за промоција, а се вкупно со сите ставки чини 11.900 евра по град или вкупно 179.500 евра за прославата „Одиме напред – Македонија во НАТО и ЕУ“ во сите градови, велат од Владата.
Според Владата,трошоците за организацијата на настаните се скромни, по нормални пазарни цени, а ангажман на 40-тина домашни изведувачи утврден со засебни авторски договори со секој од нив и вкупно за сите, во сите 15 градови и настапи на домашните изведувачи чини 75.500 евра.
Во секој договор е наведено дека ангажманот е за „прослава по повод поканата за Македонија за членство во НАТО“ со наслов “Одиме напред – Македонија во НАТО и ЕУ”. Трошоците за неколкуте изведувачи кои го откажаа ангажманот не се вклучени во пресметката и нема да се реализираат, а административната процедура со нив ќе се заврши по пат на спогодба, велат од Владата.
Од таму објаснуваат дека преносот на МРТВ не се реализирал бидејќи авторските договори со изведувачите не вклучуваа регулирање на авторски права за пренос во живо на национални телевизии и со цел да не се издвојува посебно ниту еден од 15 настани и 40 изведувачи ширум државата.