По катастрофалните поплави Јапонија ја погоди топлотен бран, најмалку 14 мртви

Во топлотниот бран во Јапонија умреа најмалку 14 луѓе за време на тридневниот викенд, соопштија агенциите денес, а високите температури го отежнуваат расчистувањето во регионите погодени од поплавите каде минатата недела смртно настрадаа над 200 луѓе.

Температурите на вчерашниот национален празник достигнаа 39 степени Целзиусови во одредени делови од Јапонија, а во комбинација со високата влажност се создадени опасни услови, соопшти јапонскиот метеоролошки завод (ЈМА).

Илјадници луѓе биле примени во болниците поради состојби поврзани со големите жештини.

Температурата била највисока во региони на префектурата Гифу, достигнувајќи 39 степени, во градот Ибигава кој вчера бил најтопол во земјата. Во главниот јапонски град Токиот вчера биле измерени 34 степени Целзиусови.

Температури од 35 степени или повисоки биле измерени на 200 локации во Јапонија во неделата, јавува ЈМА, што е необично за јули но не е преседан.

Минатата година од жештина меѓу јуни и септември умреле 48 луѓе, од кои само во јули 31 човек.

Се очекува високите температури во Јапонија да потраат до крајот на неделата, а можеби и подолго.