Пресуда за бизнисменот Кочан во предметот „Труст“ на СЈО

Во кривичниот суд во Скопје за денеска напладне е закажано изрекувањето на пресудата за случајот „Труст“ на СЈО, во кој обвинети се бизнисменот Сеад Кочан, Василие Авировиќ и Сафет Ватиќ, како и уште 2 правни лица за злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство.

СЈО побара конфискација на имотот во вредност од 17 милини евра од фирмите „Трансмет“ и „Силекс неметали“, кој е стекнат на противзаконски начин. Обвинителството даде алтернативно барање, доколку некоја од фирмите нема имот, конфискацијата да биде насочена кон основачот. Обвинителите го повлекоа целосното обвинение кон „Вато“ ДООЕЛ. Сафет Васиќ повеќе не е обвинет како извршител на сторено дело, туку се води како помагач.

Судењето почна во ноември 2017 година и траеше 8,5 месеци. Според обвинението, обвинетите со фалш документи учестувале и добиле тендери за ископ на јаглен и јаловина во РЕК „Битола“ на АД ЕЛЕМ вреден 17 милиони евра. Обвинетите на ЕЛЕМ му доставиле лажна документација во која прикажале наводна сопственост на тешка механизација за ископување, која ја немале и не ја набавиле, а таа што ја имале била со помал капацитет.

СЈО за Кочан и Авировиќ побара и притвор. Кочан не беше неколку месеци во државата. Врховниот суд одлучи да му го укине притворот на Кочан по барањето за заштита на законитоста, што го поднесе Јавното обвинителство.

Сите обвинети се изјаснија дека не се чувствуваат виновни и дека не сториле никакво кривично дело. На судењето беа преслушани и 13 бомби, а беше изведена и сметководствена и друга документација.