Одлука за референдум ќе се донесе и без опозицијата

Премиерот Зоран Заев верува дека до 30 јули Собранието ќе донесе одлука за распишување на референдумот, кој ќе се организира и во случај да не се постигне договор со ВМРО-ДПМНЕ.

Заев, по старот на инвестицијата на турската компанија „Мурат Тиџарет“ во Бунарџик, изјави дека не гледа потреба да свика нова лидерска средба.

– До 30 јули сега треба Парламентот да донесе одлука кога ќе се организира референдумот. Не сакам да навлегувам во ингеренциите и надлежностите на Парламентот, но верувам дека ќе се стаса ако се успее сите процеси да се придвижат и ако навистина Парламентот биде посветен, за да завршиме порано заради државните интереси – изјави Заев посочувајќи дека и покрај можноста да се додаде една или две недели, посакува 30 јули да биде датумот за одлука на Парламентот за да може да има  референдум на 30 септември.

Пренесувајќи ги разговорите за карактерот на референдумот за кој ставот на власта е тој да биде консултативен, потенцираше дека се флексибилни заради тоа што одлуката се смета за успешна ако мнозинството од граѓаните гласаат за и ако гласаат 50 проценти плус еден гласач од вкупниот број на избирачи.

– Отворени сме за расправа за тоа дали референдумот да биде консултативен или обврзувачки, на крајот одлуката е задолжителна затоа што граѓаните теоретски може да излезат милион, а ако 600 илјади гласаат за, а 400 илјади гласаат против тогаш политичарите ја спроведуваат одлуката, гласаат во Парламентот и постигнуваме консензус. Ако излезат милион гласачи, 600 илјади се против, а 400 илјади се за, тогаш не важи Договорот со Грција. Ако излезат 800 илјади гласачи, 600 илјади гласаат за, а 200 илјади се против тогаш граѓаните не донеле одлука. Ако нема исполнет цензус нема одлука како што е по Уставот и тогаш останува институциите да одлучат, Парламетнот да гласа за уставни промени или да гласа против уставни промени – рече Заев.

Тој посочи дека проблемот со опозицијата бил околу прашањето на референдумот.

Поставивме прашање-дали сте за членство во ЕУ и НАТО преку поддршка на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција. Од опозицијата добивме контра прашање  кое гласи – дали сте за поддршка на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција потпишан од министерот Никола Димитров и Никос Коѕијас во Серадес (Нивици), кој што целосно го уништува македонскиот јазик, македонскиот идентитет, македонската култура и македонската национална посебност. Тоа не е точно и ние не можеме да поставиме такво прашање на граѓаните – рече Заев