Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во неделното интервју за Радио Слободна Европа изјави дека референдумското прашање, доколку биде така како што го најави премиерот Зоран Заев, е амнипулативно.
Во една цела серија на членови од 20. до 30. член е пропишано како се организира референдум и една од работите што ги пишува е дека референдумското прашање мора да е разбирлива, едноставно и еднозначно. Ова што го поставува премиерот е повеќезначно, односно има најмалку осум до девет комбинации кои што можете да ги одговорите. На пример: Може да сте „за“ членство на Македонија во Европската унија, а да сте „против“ членство на Македонија во НАТО и против Договорот за името, рече Николоски.
Според него, такво прашање е манипулативно и тоа спротивно на законот.
Вели дека ВМРО-ДПМНЕ инсистира на едноставно прашање.
Инсистираме на едноставно прашање. Согласно законот едноставно прашање значи еднозначно прашање. Тоа прашање треба да е многу едноставно, односно граѓаните да кажат дали се „за“ или „против“ Договорот со Грција кој предвидува промена на името, истакна потпретседателот на партијата.
Вели дека за прашањата за НАТО и ЕУ би требало да бидат организирани посебни референдуми, или пак, на истиот ден кога ќе има референдум за Договорот, да има уште две прашања кои би се однесувале на ЕУ и НАТО.
Впрочем, ние сме имале два референдуми во државата и двете прашања биле едноставни. И за осамостојувањето, и потоа за територијалната реорганизација, вели Николоски.
Појаснува дека прашањето, доколку биде како што спомна Заев, не е збунувачко, туку е повеќезначно, односно има три прашања кои можат да бидат искомбинирани во повеќе одговори.
Очигледно власта сака да ја направи таа манипулација затоа што се свесни дека потпишаа Договор кој не поминува кај граѓаните, потенцира Николоски.