
Полицијата поднела кривични пријави против тројца кумановци осомничени дека фрлиле бомба во двор на сограѓанини, информираше МВР.
Станува збор за С.Т. (49) од Куманово против кого е поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела поттикнување во врска со предизвикување општа опасност и недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи, како и против И.Ш.(53) од село Оризари за сторено кривично дело поттикнување во врска со предизвикување општа опасност. Против С.А. од Оризари е поднесена кривична пријава за предизвикување општа опасност како и за недозволено изработување, држење, посредување и тргување со огнено оружје и распрскувачки материи.
Според полицијата, на почеток на мај годинава во кафе бар во Куманово С.Т. побарал од И.Ш. да договори со трето лице, за паричен надомест од 1.000 евра да фрли бомба во двор од куќата на Д.Г. од Куманово.
После тоа, С.Т. на И.Ш. му ја дал бомбата, по што тој му ја дал на С.А., кој на 27.05.2018 година околу 3.30 часот ја фрлил во дворот од куќата на Д.Г. на улицата Славиша Вајнер во Куманово. Полицијата го привела С.А. и од судија на претходна постапка одредена му е мерка притвор.