
Десет образовни асистенти со завршено високо образование – профил дипломиран дефектолог, педагог, психолог, одделенски наставник, предметен наставник, ќе бидат времено работно ангажирани во основните училишта во општина Кисела Вода.
„И оваа година, Општина Кисела Вода, врз основа на Договорот за соработка помеѓу Агенцијата за вработување на РМ (АВРМ), Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Општина Кисела Вода, Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2018 година усвоен од Владата на Република Македонија, програмата Општинско-корисна работа финансирана од буџетот на Агенцијата за вработување на РМ, распиша оглас за заинтересираните лица кои сакаат да се вклучат во програмата Општинско-корисна работа. Проектот ‘Се грижиме и ги воспитуваме најмладите’ ќе овозможи работно ангажирање со скратено работно време на евидентирани невработени лица за период од девет месеци заради стекнување вештини и постепено вклучување на пазарот на труд“ соопшти општината.
Се работи за ангажман од дваесет работни часови неделно, при што за време на истиот, статусот на невработените лица останува непроменет, а на невработените лица корисници на социјална помош ќе им биде активно правото на користење социјална помош.
Право на учество во програмата „Општинско-корисна работа“ имаат сите невработени лица, при што предност ќе имаат лицата кои за првпат се јавуваат за учество во програмата.
За кандидатите кои ќе бидат избрани за општинско-корисната работа се предвидува паричен надоместок во висина од 9 000,00 денари месечно, со вклучен персонален данок на доход и осигурување за случај на несреќа при работа и професионално заболување.
Евидентираните невработени лица кои ќе се пријават за учество во програмата Општинско-корисна работа треба да припаѓаат на една од следните целни групи невработени лица:
– долгорочно невработени лица евидентирани во АВРМ (над 12 месеци во евиденција) ;
– самохрани родители;
– родители на деца со пречки во развојот;
– родители на 3 и повеќе деца
Заинтересираните невработени лица пријави за учество во програмата „Општинско-корисна работа“ можат да подигнат и поднесат во Општина Кисела Вода во периодот од 1.08.2018 година до 14.08.2018 година од 8:30 до 16:30 часот секој работен ден.