
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, втво петокот заедно со партиска делегација ја оствари првата работна средба со амбасадорката на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во Република Македонија Рејчел Галовеј.
На средбата претседателот Мицкоски и посака добредојде и посочи дека ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија за која клучни приоритети на надворешно политички план се членството во НАТО и ЕУ, и развој на односите со Обединетото Кралство.
Претседателот Мицкоски образложи дека Република Македонија и нејзините граѓани се соочуваат со неодговорна и непринципиелна политика од страна на власта. Тој истакна дека и државата и граѓаните се заложници на коруптивното владеење и неспособноста на власта да ги спроведе реформите неопходни за исполнување на европските стандарди, информираат од партијата.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски искажа незадоволство од формулирањето на референдумското прашање за кое власта одби консензус со опозицијата. Самоволието кое што парламентарното мнозинство го демонстрираше за вака важно прашање од страна на Мицкоски беше посочено како неодговорен и антидемократски чин.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека е клучно за Република Македонија да се фокусира на реформските процеси насочени кон создавање на посилна економија, правна држава, а се со цел зголемување на благосостојбата на граѓаните во Македонија.
Соговорниците се согласија дека процесот на Евроатланска интеграција на Македонија е единствен пат кон обезбедување на стабилност во регионот.