Се стопи највисокиот врв во Шведска

Глечерот на шведската планина Кебнекаи се истопи за четири метри поради летните арктички температури па повеќе не е највисокиот врв во таа земја.

Ова е страшно. Овој глечер е симбол на сите глечери во светот. Целата околина се топи, снегот се топи, а тоа влијае врз целиот екосистем: растенијата, животните, климата, сѐ. Тука климатските промени јасно се гледаат, изјави Гунхилд Нинис Росквист, професорка по географија на универзитетот во Стокхолм, кој со години ја мери висината на глечерот во рамки на истражувањата за климатските промени.

Кебнекаисе е популарна туристичка дестинација на далечниот север на Шведска. Има два врва- јужниот, кој е покриен со мраз и северниот кој е карпест.

Јужниот врв за време на јули изгубил четири метри снег.

Површината на глечерот никогаш не била пониска. Буквално гледам како тече вода од страните, тоа никогаш не сум го доживеала, кажа Росквист.

На почетокот на неделата јужниот врв бил висок 2.097 метри, односно бил само 20 сантиметри повисок од северниот кој е постојан на 2.096,20 метри.

Следното официјално мерење ќе биде на почетокот на септември.

До тогаш очекувам јужниот врв да биде барем еден метар понизок, вели Росквист.

Шведска во јули забележа рекордно високи температури и се бореше со десетици шумски пожари, дури и во арктичкиот круг.

Јужниот врв, чија висина се мери од 1880 година, во просек секој година губи еден метар висина во последните децении. Глечерот зимава ќе врати нешто од својата висина која повторно ќе ја изгуби следното лето.

Росквист предвидува дека северниот и јужниот врв на Кебнекаисе уште неколку години ќе се натпреваруваат за титулата највисок во Шведска, а потоа поради климатските промени северниот врв трајно ќе ја преземе титулата.