Возење со легендарниот кадилак на Тито за 700 евра

Триесет и осум години по смртта на Јосип Броз Тито, хрватското островче Ванга, каде што беше резиденцијата на поранешниот југословенски претседател, наскоро треба да биде отворено за туристи.

Сè е подготвено за првите посетители да дојдат на Ванга, островот во склоп на Бриони, кое со години е затворено за јавноста, а во подготовка се две ВИП-тури по Бриони, кои ќе им овозможат на туристите да ги видат и сите објекти што ги користел Тито.

Се чека само одлуката на Владата за тоа под кои услови туристите ќе можат да доаѓаат на разгледување на резиденциите што отсекогаш беа под строги безбедносни мерки.

На Ванга времето како да застанало, сè е како во ерата на Тито, се чува сиот инвентар што се користел кога Јосип Броз таму поминувал по речиси шест месеци во годината и каде што примал високи гости од целиот свет.

Туристите наскоро ќе можат да видат дел од природниот рај што Тито го открил во 1952 година, кога со сандолина поминувал покрај Ванга. Во времето на Тито островот беше чуван од армијата и никој не смееше да му се приближи.

Се очекува дека туристите ќе можат да го видат и виноградот на Ванга, кој сè уште се користи и се одгледуваат сортите малвазија, мерло и мускат, а во самата резиденција на Ванга во подрумот има винарска визба со архивски вина што никаде не може да се купат.

Туристите ќе можат да ги посетат и словенечката соба и индонезискиот рибарски салон што ги користел Тито, како и фотолабораторијата и работилницата од негово време. Во работилницата Тито примал специјални гости за кои немало официјален протокол како во Белата вила. На островот се наоѓаат и насади со мандарини и други овошја.

Туристите, исто така, ќе можат да се провозат со Титовиот кадилак, за кој половина час возење чини 700 евра.

Првиот истакнат гостин на Ванга бил царот на Етиопија Хајле Селасие, кого Тито го примил во 1954 година, а последниот бил Луис Кабрал, претседателот на Гвинеја Бисао. И многу ѕвезди престојувале на Ванга, меѓу другите и пејачот Марио дел Монако, потоа Орсон Велс, Карло Понти, Ричард Бартон, Кирк Даглас, Елизабет Тејлор, Софија Лорен, а кога Тито на крајот на животот прекинал со Јованка, најчесто времето го поминувал токму на Ванга.

Освен Ванга, се предвидува и друга ВИП-тура за туристите, на која ќе можат да ги видат Белата вила и Приморка, до кои ќе ги води туристички воз. Досега имало многу планови за комерцијално користење на поранешните резиденции и објекти на Тито на Бриони, но ниту еден од нив не бил реализиран, вели Јутарњи.

Во некои од нив повремено доаѓаат високи гости, но се чувствува и забот на времето, иако е сочувано сè што Тито користел додека беше жив. Оваа година значително е поскапено и изнајмувањето на репрезентативни објекти од времето на Тито, па цените се зголемени и за над 400 проценти во споредба со минатото лето, вели хрватскиот весник.