
Денеска влегоа во сила нови американски царини за кинески производи вредни 16 милијарди долари, Пекинг одговори реципрочно.
САД претходно месецов најавија дека ќе наметнат царини од 25 проценти на кинески производи вредни 16 милијарди долари, како дополнение на царините од 25 проценти кои беа наметнати на почетокот на јули и се однесуваа на увоз вреден 34 милијарди долари. Во двата случаја Пекинг одговори со тужби и воведе идентичен процент на царини за американски производи.
Министерството за трговија на Кина денес издаде соопштение критикувајќи ги најновите американски царини, велејќи дека тие ги кршат правилата на Светската трговска организација. Пекинг вели дека ќе побара правна разврска во рамки на механизмот за разрешување спорови кој постои во организацијата.
Економистите предупредуваат дека трговската војна меѓу најголемите светски економии до 2020-та година ќе го намали глобалниот економски раст за околу 0,5 проценти.