Со воведни говори на одбраната и денес продолжува судењето за 27 април

Судскиот процес за настаните од 27 април продолжува и денес во Основниот суд Скопје 1. Овој обемен судски процес започна во средата, а судење имаше и вчера. Судијката Добрила Кацарска овие рочишта ги води со часови во зградата на новиот Кривичен суд, а за денес е предвидено да завршат воведните говори на одбраната.

На претходните две рочишта воведни говори дадоа обвинителката Вилма Рускоска и адвокатите на дел од обвинетите.

Обвинителката Русковска рече дека Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција има докази со кои ќе ги потврди наводите од обвинението за сторено кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок.

Одбраната, пак тврди дека не постојат докази кои укажуваат на сторување на ваков тип на кривично дело и според дел од адвокатите, обвинетите сториле тероризам, но само со зборови, а не и со дела.

На обвинителната клупа во судот во средата седнаа Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашко Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.

Им се суди за терористичко загрозување на уставниот поредок и за помагање.

Судијката Добрила Кацарска закажа вкупно 37 термини за главна расправа.