
Владата денеска соопшти дека за кампањата за референдумот издвоила 6.500 евра, додека трошоците за емитување и продукција на содржини се на Собранието и на политичките субјекти.
– Како што и претходно беше јавно објавено, Владата на РМ одлучи да спроведе процес на планирана јавна комуникација од јавен интерес – кампања за референдумот. Владата единствено резервираше средства во износ од 6.500 евра за активности на социјалните мрежи, а сите други комуникации кои подразбираат односи со медиумите и учество на јавни настапи се во организација на редовните активности на Секторот за односи со јавност на Владата на Република Македонија, се наведува во соопштението од владината прес-служба.
Продукцијата и емитувањето на спотовите на телевизиите за кое јавноста е сведок дека се уште не започнало, како што се посочува, е активност на Собранието на Република Македонија и на политичките субјекти, а не на Владата.
– Во спроведување на процесот на планирана јавна комуникација за референдумот, Владата на Република Македонија ќе работи транспарентно и отчетно, согласно стандарди за јавни комуникации од интерес на јавноста – релевантност, објективност, пропорционалност и рационалност, се потенцира во соопштението.