„Џевахир Холдинг“ нов спонзор на „МЗТ СКОПЈЕ“

Турската компанија „Џевахир Холдинг“ е новиот спонзор на македонскиот вицешампион и претставник во АБА2-лигата, екипата на „МЗТ Скопје Аеродром“.

Станува збор за компанијата, која стои зад висококатниците во општина Аеродром и со која потпишавме едногодишен договор за соработка, со можност истиот да биде продолжен и на подолг период. Голема благодарност до „Џевахир Холдинг“ за инвестицијата во МЗТ Скопје Аеродром, со што уште еднаш покажа општествена одговорност за развојот на спортот и развојот на кошаркарскиот клуб од нашата општина, изјави градоначалникот на општина Аеродром, која е целосен сопственик на акционерското друштво „МЗТ Скопје Аеродром“, Златко Марин.

Првиот човек на „Џевахир Холдинг“ исто така изрази задоволство од постигнатиот договор, со надеж дека тој ќе биде потстрек за остварување уште подобри резултати во иднина.

За нас претставува задоволство што ќе соработуваме со клуб како „МЗТ Скопје Аеродром“. Се надевам дека оваа соработка ќе биде на подолг рок. Очекуваме клубот да има успеси не само во нашата држава, туку и надвор од неа. Меѓутоа, свесни сме дека во спортот има голема конкуренција, изјави Џевахир.