
Владата и опозицијата се договориле директор на Оперативно техничката агенција да биде поставен Зоран Ангеловски, поранешен вработен во МВР, дознава Телма. Засега нема официјална потврда на оваа информација, освен што премиерот Зоран Заев денеска потврди дека веќе е донесена одлука и дека станува збор за професионално решение, договорено меѓу власта и опозицијата.
Според информацијата на Телма, Ангеловски се очекува денеска да биде изгласан на седницата на комисијата за избори и именувања.
Собранието во април годинава со 87 гласа „за“ го усвои Законот за формирање на Оперативно техничка агенција и Законот за следење на комуникациите. Со овие законски измени Управата за безбедност и контраразузнавање ќе функционира во рамките на МВР до ноември 2018. Од наредната година, опремата за прислушување ќе се премести во Оперативно техничка агенција со што ќе биде заменета досегашната УБК која беше посочена како главен виновник за масовното нелегално прислушување.
На конкурсот за директор на ОТА беа пријавени четиринаесет кандидати, меѓу кои и Силјан Аврамовски,поранешниот директор на УБК и министер за внатрешни работи, кој важеше за најголем фаворит.
На конкурсот беа пријавени и универзитетскиот професор за безбедност, Стефан Буџаковски како и поранешниот контраразузнавач, Ѓорги Лазаревски кој беше обвинет, а потоа ослободен во аферата „Пуч“.