
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, кој годинава по вторпат е во Скопје, се превезуваше со мерцедесот, за чија набавка СЈО оформи случај и има обвинителна пресуда за поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и поранешниот помошник министер за внатрешни работи, Ѓоко Поповски. На обвинителна клупа за овој случај се’ уште е поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска.
Кривичниот суд пресуди две години затвор за Груевски во случајот „Тенк“, за примање награда и противзаконито влијание во набавката на мерцедесот. Но, како може да се зборува за противзаконско влијание во набавката кога во Македонија нема конкуренција на фирми кои можат да набават ваков вид на возило. А, исто така мерцедесот е од корист на владата, односно, државата. Исто така, при набавката на ова возило не е направена штета, бидејќи компанијата која го продала автомобилот заработила вообичаена маржа.
Ѓоко Поповски за овој случај доби казна затвор од 6 години и 6 месеци.
Премиерот Зоран Заев најавуваше дека мерцедесот ќе биде продаден, а со парите ќе биле купени амбулантни возила.
„Да ви најавам дека тенкот, Мерцедесот на Груевски од 600.000 евра ќе го вратиме и со парите ќе купиме амбулантни возила за клиниките“, рече Заев на митингот на СДСМ во Скопје во октомври минатата година.
Потоа, брзо власта се предомисли, па реши возилото сепак да го задржи, првично објаснувајќи дека владата ќе ја стопирала постапката за продажбата на мерцедесот додека траел судскиот процес на Специјалното јавно обвинителство „Тенк“, бидејќи мерцедесот бил материјален доказ.
Но, Заев во интервју подоцна кажа: „Ако го продадеме 585 илјади е набавната цена, веројатно е дека не можеме повеќе од 400 илјади евра да земеме, при што тука би изгубиле огромни пари. Веројатно ќе донесеме одлука да го користат само меѓународни делегации кои што ја посетуваат Македонија. Делегации од највисоко ниво и ќе биде само за нивни потреби“, рече премиерот Заев“.
Сепак, освен високи делегации, во овој фамозен мерцедес се возеше и лично премиерот Заев, иако во јавност излегуваше со изјави дека нема намера да се вози со овој автомобил.