
Обвинителтството кое ги врши испрашувањата на сведоците на судењето за немирите во Собранието од 27 април со сите сили се обидува да спречи прашањата кои ќе резултираат со одговор дека насилствата се резултатат на обидот за избор на Џафери за претседател на Собранието.
Обвинителката поднесува приговори на сите обиди на одбраната да се добие одговор кој ќе влезе во записникот, а е очигледен факт за јавноста: Талат Џафери непопречен од никого беше биран за претседател на Собранието, после што се одржа прес-конференција на која се надоврзаа немилите настани во Парламентот. Веројатно знае и самата дека доколку тоа стане ноторен факт за судот, како што е ноторен факт за јавноста, обвинението дека 33-цата обвинети имале усогласени дејствија и намера да го спречат изборот на Џафери – ќе се сруши како кула од карти, што и единствено може да се очекува за вакво обвинение базирано на безброј претпоставки, без никакви докази за она за што се товарат обвинетите, а тоа е да повториме, Тероризам односно Терористичко загрозување на уставниот поредок.
Откако ова ќе се утврди веќе станува јасно дека, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не само што не го спречиле изборот на Џафери за што се товарат, туку и „му направиле кворум“, како што забележаа адвокатите во воведните зборови, ќе се отворат и многу прашања за мотивите за ваквото обвинение без никаква реална подлога, односно зошто Вилма Рускоска и Обвинителството упорно сакаат да го убедат Судот во нешто што не постои, односно во дело кое не се случило.
Запрашани од одбраната во вкрстено испрашување дали го избрале Талат Џафери за претседател, односно дали Заев на прес-конференцијата соопштил дека е избран Џафери, Мухамед Зекири и Шилегов даваа помалку и комични одговори од типот: „Сите видовте на телевизија за што беше прес-конференцијата“, „Не џабе плаќате радио-дифузна такса за да поставувате вакви прашања“, и најкомичното од Шилегов: „Прашајте го утре Заев кога ќе сведочи, не сакам да зборувам за што зборувал Заев на прес-конференцијата“. Шилегов беше прашан и „Од која позиција Џафери давал изјава на прес-конференцијата“, при што повторно се обиде да избегне одговор, често навлегувајќи во зоната на навреди кон одбраната, односно обвинетите.