
Српскиот претседател Александар Вучиќ одби во петокот во Брисел да се сретне со косовскиот претседател Хашим Тачи, па шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини со нив разговараше одвоено и најави нов круг од преговорите за околу две седмици, но ваквиот потег може да значи и најава за нови опструкции откако властите во Приштина предизвикаа да биде неизвесна најавната посета на српскиот челник на северот на Косово.
Преговорите во петокот предизвикаа значително поголемо внимание во светот од вообичаените вакви средби, откако ова лето во јавноста беше пласирана идејата за можна размена на териториите меѓу Србија и нејзината поранешна јужна покраина Косово каде што албанските власти во 2008 година еднострано со поддршка од САД и главните земји од Европската унија прогласија независност. Оваа идеја за размена на територии, или за промена на границите, беше пласирана и како „историско“ решение за судирот меѓу Албанците и Србите.
Српскиот претседател Александар Вучиќ последните седмици зборуваш за „разграничување“ со Албанците, а неговиот косовски колега Хашим Тачи за „размена на територии“ според којашто на Косово би му припаднало дел од југот на Србија, односно Прешевската долина каде има значителна албанска заедница, а на Србија северот од Косово и Метохија, кој е доминантно населен со Срби.
Меѓутоа, наместо напредок во разговорите меѓу Белград и Приштина, во петокот дојде до уште поголеми тензии, кога Вучиќ во Брисел одби да се сретне со Тачи и веднаш по разговорот со Могерини се врати во Белград. Причина за тоа е одбивањето на косовските власти да му доволат на Вучиќ да го посети системот за водоснабдување Газиводе на северот од Косово, околу кој се спорат двете страни.
Вучиќ претходно со седмици наназад зборуваше дека го подготвува „својот најважен говор во животот“ во текот на планираната посета на северот на Косово на 8-ми и 9-ти септември. Засега е нејасно дали посетата воопшто ќе се случи.
Високата претставничка на ЕУ за заедничка надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, пак, во петокот објави соопштение во коешто наведува дека имала „неколку кругови разговори“ со двајцата претседатели во билатерален формат. Порача дека и натаму „има тешкотии“, но дека верува во доследноста на двајцата претседатели за продолжување на процесот за „во следните неколку месеци да постигнат правно обврзувачки договор за сеопфатна нормализација на односите во согласност со меѓународното право“. Шефицата на европската дипломатија, исто така, најави дека новиот состанок ќе го закаже пред „министерската седница на Генералното собрание на ОН“, кој крајот на септември.
Косовскиот челник Тачи изјави во петокот дека го разбира интересот на српските политичари за обраќање до Србите на Косово, но дека „институциите на Косово, како суверена држава, ќе дозволат таква посета во рамките на однапред утвреден распоред, ни помалку ни повеќе од тоа“.
Шефот на Канцеларијата за Косово и Метохија при владата на Србија, Марко Ѓуриќ, за новинарите ги изложи причините поради коишто Вучиќ одбил да се сретне со Тачи. „Поради сите лаги, расипаност, измами и гнасен пристап кој кон Србите и српската страна го покажаа претставниците претходните денови, поради навредите, залажувањата, заканите, дури и на 16-годишната ќерка на претседателот, поради сето тоа што го сторија претходните денови“, појасни Ѓуриќ. Додаде дека Вучиќ одлуката дали ќе замине на Косово ќе ја донесе во петок навечер.
Српскиот јавен сервис Радио-телевизија на Србија (РТС), пренесе во петокот дека српскиот претседател побарал од војската, полицијата и тајните служби да ја прекинат секоја комуникација со косовските и меѓународните функционери таму, по пораките од Приштина дека не е добредојден на Косово. Вучиќ ѝ наредил на војската како врховен командант, а од полицијата и од разузнавачката агенција БИА кои не се во негова надлежност побарал, да ги прекинат контактите конкретно со косовската полиција, со КФОР и со кој и да е албански и меѓународнен претставник коишто дејствуваат на Косово.
Посетата на Вучиќ на Косово претстојниот викенд е доведена во прашања по информациите дека Приштина има намера да ја спречи неговата посета на системот за водоснобадување Газиводе, кој како стратешки ресурс е една од главните спорни точки во преговорите за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина. Претседателот на косовскиот парламент Кадри Весели изјави дека Вучиќ „би можел да мине“ како Марко Ѓуриќ, кој неодамна беше брутално уапсен при влегувањето на косовска територија, наводно поради неусогласени административни одлуки и дозвола за посета.
„Не знам дали Вучиќ доаѓа на Косово, му дадовме дозвола, но со деструкцијата на стабилноста на Косово таа се доведува во прашање. Втората причина е што нема причина поради што да оди во Газиводе и не се знае дали доаѓа“, изјавил Весели, пренесоа белградските медиуми.
Вообичаено е претставниците на Србија и на Косово да ги најавуваат посетите, што двете страни често го користат како инструмент за опструкција и дополнително заострување на односите. Освен за политичарите, цел на забраните во последно време беа и спортистите, интелектуалци, невладини здруженија и политички аналитичари.