
Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ ќе го игра своето осмо финале на УС Опен, откако во три сета во полуфиналето го победи Јапонецот Кеи Нишикори со 6:3, 6:4, 6:2 и така му се одмазди за поразот во полуфиналето на истиот турнир во 2014 година. Шестиот играч на светот со супериорна игра стигна до 15-тиот триумф во 17 меѓусебен дуел против Нишикори, кој ниту во еден сет не успеа сериозно да се спротистави на Србинот.
Ѓоковиќ во втората недела на последниот Гренд слем турнир на сезоната не загуби сет, а во недела во финалето ќе игра против Хуан Мартин Дел Потро, на кого Рафаел Надал му го предаде мечот поради повреда на коленото.
Ѓоковиќ води во дуелите против Дел Потро со 14:4, и единственото финале што го одиграаа е на турнирот во Шангај во 2013 година, каде славеше Новак со 2:1, а е во серија од три триумфи против Аргентинецот.
Србинот титулата во Њујорк ја освои во 2011 година и 2015 година, а пет пати губеше во финалето.
Ѓоковиќ во недела ќе игра 23-то Гренд слем финале во кариерата за 14-та титула, а со пласман во финалето УС Опен се изедначи на вечната листа со Иван Лендл и Пит Сампрас, кои исто така, осум пати беа во финалето во Њујорк.
Чест ми е и благословен сум што сум во можност да го играм овој спорт. Еве уште еднаш успеав да направам одлична работа и да влезам во финалето. Јас сум многу возбуден поради она што ме чека во неделата. За жал, на Рафа му се случи тоа што се случи. Делпо, од друга страна, го игра својот најдобар тенис во последните 14, 15 месеци. Тој се врати по повредите. Тој отсекогаш бил еден од првите пет. Тоа ќе биде многу тежок натпревар за двајцата, вистински трилер, изјави Ѓоковиќ.