Англичаните сакаат во училиштата да воведат атеизам, секуларизам и агностицизам

Предметот религиско образование кој се изучува во англиски училишта ќе го смени називот во религиско образование и поглед на светот за да се укаже на различностите на современа Британија, пишува Би-би-си.

Предметот би ги вклучувал нерелигиските погледи на светот и повеќето верувања, според извештајот на Комисијата за религиско образование заснован врз истражување кое покажало дека барем четвртина од училиштата го кршат законот со начинот на кој го подучуваат религиското образование.

Експертите предупредуваат дека, доколку не се воведат промените, самиот предмет би можел да стане безначаен.

Религискиот совет на Англија и Велс оформи пред две години независна комисија поради растечката загриженост за квалитетот на наставата на религиското образование. Забелешките се однесувале на загриженоста дека предметот кај учениците создава предрасуди и фактот што многу училишта воопшто го немаат предметот, а таму каде што го има квалитетот на наставата е несоодветен.

На религиското образование му е потребно „подмладување“ ако сакаме да придонесеме на образованието“, изјави д-р Џон Хол, деканот на Вестминстер и некогашен комесат за образование на Англиканската црква кој претседава со Комисијата.

Новиот предмет ќе им овозможи на учениците да се запознаат со различните традиции на големите религии христијанството, будизмот, хиндуизмот, јудаизмот, исламот и сикизмот, но покрај тоа децата ќе учат и за неверските погледи на светот како хуманизмот, секуларизмот, атеизмот и агностицизмот.

Животот во Британија и во целиот свет многу се промени од седумдесеттите години кога во наставата на религиското образование почнаа да се воведуваат други религии и еврувања покрај христијанството, кажа Хол.

Тој верува дека денес е поважно од кога било луѓето да ги разберат главните традиции на религиите и верувањата и различните погледи на светот за полесно да воспоставуваат односи со луѓето од различни традиции и да направат исчекор од сопствените.

Тој предупредува дека сега „квалитетот на религиското образование во многу школи е неадекватен во оспособувањето на учениците подлабоко да ги разберат погледите на светот со кои ќе се сретнат“.

Но, портпаролот на Службата за католичко образование, иако го поздрави обидот за подобрување на религиското образование во училиштата, смета дека извештајот утнал кај прашањето на консензусот како тоа да се направи.

Овој извештај не претставува толку обид да се подобри религиското образование, туку фундаментално да се промени неговиот карактер“, изјави портпаролот предупредувајќи дека на тој начин се ризикува предметот да ги изгуби своите „академска вредност и интегритет“.