
Градоначалникот на Демир Хисар Марјанчо Стојановски, кој на видео снимка им се заканува на вработени во училиште дека ги прислушкува нивните телефонски разговори, бил пуштен да си оди дома откако во полиција дал исказ дека снимката е стара. Од МВР информираат дека по насока на Јавно обвинителство Битола, градоначалникот од редовите на СДСМ, бил повикан на информативен разговор во Полициска станица Демир Хисар поради објавена снимка во медиумите.
Притоа, тој тврдел дека снимката која се појави на интернет е од протест во ОУ„Гоце Делчев“ во Демир Хисар кој се случил во средината на јануари годинава. Протестот се одржал заради промена на две учителки во други подрачни училишта.
Значи заборавате дека во МВР работев, заборавате дека ги слушам сите телефонски јавувања, одење од куќи и така натаму, им се заканил Стојановски на вработените.
На снимката јасно се гледа дека Стојановски своите закани ги изнесува во присуство на деца што е дополнителна околност на негова штета, а од МВР засега не објаснуваат дали утврдиле дека тој навистина неовластено прислушкувал и на кој начин го правел тоа. Се поставува прашање дали неговиот исказ дека снимката е направена во јануари, всушност значи дека ја признава нејзината веродостојност, бидејќи е потполно неважно во кој период од неговиот мандат тој ги упатувал експлицитните закани.
Стојановски е пуштен да си оди дома, а во врска со овој случај МВР најави ќе повикува повеќе лица на службен разговор за негово целосно расчистување“.
Во последниот период се редат афери поврзани со градоначалници од СДСМ кои ја згрозуваат јавноста. Градоначалникот на Ново село, Боро Стојчев во јули беше фатен како шверцува огромно количество на цигари од Бугарија, заедно со членови на неговото семејство. Пред неколку дена пак, учителка од Зелениково сведочеше дека градоначалникот Борче Гиевски најпрвин ја навредувал, а потоа физички ја нападнал во неговиот кабинет.