Му зел 20.000 евра на гастарбајтер да му изгради куќа, па исчезнал

Жител на струшкото село Лабуништа измамил гастатбајтер од Охрид од кого зел 20.000 евра за да му изгради куќа, но потоа исчезнал, информираше МВР.

Станува збор за М.С.(43) против кого СВР Охрид поднесе кривична пријава за измама.

Според полицијата, осомничениот го сторил делото на 16.11.2017 година при средба со С.Ј.(52) од Охрид со привремено престојувалиште во Германија. Измамникот  го довел во заблуда С.Ј. ветувајќи му дека може да му изгради куќа во Германија. Притоа, со писмена изјава, тој примил 5.000 евра капар, а по извесно време и дополнителна сума на пари.

Минатиот месец, кога гастарбајтерот се вратил во Охрид се обидел да се сретне со М.С. но не го нашол, по што сфатил дека е измамен. Со извршувањето на делото, пријавениот се стекнал со  противправна имотна корист од 1.230.000 денари.