
Легендата на „Мајами Хит“, Двејн Вејд по шпекулациите дека ја заврши кариерата вчера објави дека ќе игра уште една сезона, која ќе биде негова последна пред заслуженото пензионирање. За трикратниот освојувач на НБА лигата ова ќе биде 16 сезона во најсилната кошаркарскка лига на светот.
Триесет и шестгодишниот кошаркар во емоционална видео порака го објасни својот нов чекор во кариерата, иако во моментот не можеше да најде вистински зборови, на крајот објави дека е подготвен за „последниот танц“.
Секогаш ги работев работите на свој начин. Без разлика дали биле добри или лоши, до овде дојдов затоа што работев нешто што чувствував дека е исправно за моето семејство и за мене. А чувствувам дека е коректно да ве замолам да ми се придружите во последните танц, во уште една сезона, рече Вејд.
Вејд дојде во НБА лигата во 2003 година како петти пик на драфтот, кога го избра „Мајами“ во кој играше до 2016 година.
Тој помина по една сезоната во „Чикаго Булс“ и „Кливленд Кавалирс“ за да биде трејдуван во Мајами во февруари годинава. Се очекува да потпише едногодишен договор со „Хит“ вреден 2,4 милиони долари.
Вејд 12 пати беше избран во Ол Стар, со „Мајами“ освои три шапмионски прстени, а во 2006 беше и МВП на финалето. Тој е исто така најдобар стрелец и асистент во историјата на клубот, како и рекордер во бројот на натпревари што ги одиграа за франшизата на „Хит“.