
Воздухопловната база Хмејмим во централниот дел на Сирија во понеделникот ноќта загубила контакт со рускиот воен авион „Ил-20“ со 14 војници, кусо по израелски напад врз оваа база којашто ја користа руските воздухопловни сили, соопшти руското министерство за одбрана, но сѐ уште е непознато дали инцидентот е поврзан со споменатиот напад.
Претходно ноќта беше објавено дека сириските противвоздушни системи одбиле ракетен напад во покраината Латакија. Сириски воени извори наведуваат дека нападот бил изведен од областа на Средоземјето, а неколку ракети биле соборени пред да стасаат до нивните цели.
„На 17-ти септември околу 23 часот по московско време (22 по македонско) на враќање во воздухопловната база Хмејмим над водите на Средоземното Море на 35 километри од брегот на Сирија беше изгубена врската со екипажот на рускиот авион Ил-20“, се наведува во соопштението на руското министерство за одбрана.
Се додава дека авионот „Ил-20“ исчезнал од радарите на контролата на летањето во текот на нападот на четири израелски авиони „F-16“ врз сириски објекти во покраината Латакија. Покрај тоа, од страна на руските радарски системи биле регистрирани и лансирања ракети од француската фрегата „Аuvergne“ којашто се наоѓа во истата област.
Француската, како и израелската армија засега не ги коментираа овие информации коишто може да предизвикаат најголем досега меѓународен инцидент во текот на речиси седумгодишната сириска војна, во којашто западните сојузници ги поддржуваат сунитските бунтовници, додека руската авијација дејствува како поддршка на сириските владини сили.
Во меѓувреме израелската војска одбила да ја коментира информацијата на руското министерство за одбрана за нападот на израелските воздухопловни сили врз Сирија во времето кога исчезнал рускиот авион.
„Ние не коментираме извештаи од странство“, изјавила за агенцијата РИА портпаролката на израелската војска, откако се консултирала со надредените.
Според податоците на руското министерство за одбрана во авионот „Ил-20“ имало 14 воени лица чијашто судбина засега е неизвесна. Командата на руската воздухопловна база започнала за потрага и спасување на море, се додава.
Сириските медиуми објавија повикувајќи се на воени извори дека нејзините системи за противвоздушна одбрана собориле неколку проектили истрелани од морето, насочени кон државни институции од технолошката и наменска индустрија во покраината Латакија.
„Воздушната одбрана се соочи со непријателски проектили кои доаѓаа од морето во насока на градот Латакија и пресретна голем број од нив“, изјавиле официјални извори за службената новинска агенција SANA.
Опозициската Сириска опсерваторија за човекови права (SOHR) со седиште во Лондон, потврди дека нејзините активисти јавиле за силни детонации кои одекнале крај западниот сириски град. Локалните медиуми објавија за голема експлозија и прекин на електричната енергија во областа.
Државната телевизија Al-Ikhbariya објави дека најверојатно станува збор за израелски напад насочен кон сириската инфраструктура, што беше случај во повеќе наврати изминатите години. Притоа се потсетува дека овој напад доаѓа само неколку дена откако сириската противвоздушна одбрана собори израелски проектили чијашто цел бил аеродромот во близина на главниот град Дамаск.