Можна е глобална трговска оранизација и без САД

Генералниот директор на Светската трговска организација (СТО), Роберто Азеведо изјави дека е можно да се формира тело за решавање на глобалните трговски спорови, а чиј член нема да бидат САД, но не е јасно дали Вашингтон тогаш ќе ја поддржи таквата организација.

Говорејќи на конференција во Рио де Жанеиро во време на растечки трговски тензии меѓу Пекинг и Вашингтон, Aзаведо предупреди дека трговскиот спор меѓу двете најголеми економии во светот може да ескалира во други области. Тој додаде дека како резултат на спорот СТО се фокусирани на тоа да се обидат да го зголемат дијалогот меѓу двете земји, пренесе Ројтерс.

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно се закани дека САД ќе се повлече од СТО ако организацијата не направи реформи.

Министерството за трговија на Кина, пак, најави вчера дека поднела уште една жалба до СТО против САД поради планираното воведување на царини за увоз на кинески производи во вредност од 200 милијарди долари.

Администрацијата на Трамп во понеделникот најави дека од следната недела ќе воведе тарифи од 10 отсто на кинески производи, што ќе го заостри трговскиот судир меѓу двете најголеми економии во светот и ќе ги зголеми цените на производите за широка потрошувачка, од чанти па до гуми за велосипеди.

Кина потоа објави контра мерки, но не прецизираше кои чекори ќе ги преземе.