
Новинарката Душица Мрѓа сведочеше на судското рочиште за насилството во Собранието. Видно вознемирена и низ солзи, новинарката Мрѓа во детали раскажа на се што се сеќава од „крвавиот четврток“.
Низ сведочењето зборуваше за упадот во Собранието, за насилството на толпата, за ударите, за раскрвавените лица и за тоа како таа и нејзините колеги стравувале дека нема да излезат живи од Собранието. Од 11 часот тој ден, новинарката рече дека била на собраниската седница на која подоцна Талат Џафери бил избран за претседател на Собранието.
Откако се случил изборот на Џафери и тој се обратил, новинарската сведочеше дека вниманието повеќе било насочено кон мониторите кои биле пуштени и на кои се гледало како толпа влегува во Собранието. Во еден момент вратата во прес-салата била затворена од собраниското обезбедување кое, како што кажа новинарката, ја извадило и кваката. За време на овие случувања, новинарката раскажа дека правела пренос во живо преку социјалните мрежи и бидејќи стоела на метро од Заев и Џафери им поставила прашање дали може да ја гарантираат безбедноста на новинарите.
Џафери ѝ одговорил дека е сигурен оти институциите ќе си ја завршат работата. Но, како што кажа новинарката Мрѓа во своето сведочење, таа за време на целото случување на насилството не видела ниту еден униформиран полицаец, а не добила повратна реакција за помош ниту од собраниското обезбедување од каде во еден наврат ѝ било кажано дека ништо не можат да направат. Кога толпата успеала да влезе во Собранието, Мрѓа посочи дека меѓу овие лица имало луѓе со качулки, облечени во црни маички кои давале инструкции и ја насочувале толпата. Целта на овие лица биле Зоран Заев, Талат Џафери и Зијадин Села.
За нападите биле користени јарболи од знамиња, мебел, монитори и други предмети со кои лицата од толпата удирале по пратениците.
Во првиот налет на толпата која влезе во прес-центарот фокусот беа пратениците. Потоа се слушна истрел и имаше еден вакуум период. По ова состојбата ескалираше. Цел станавме и ние новинарите, особено оние кои не препознаваа, ми се обраќаа со зборовите дека сум предавничка, дека сум шиптарска курва и ме прашуваа колку пари Заев ми плаќа за да ја продаваме државата. Бев турната во ѕидот од еден повозрасен човек, а по ова видов и мој сосед кој ми рече да излегувам оти ќе биде опасно. Тепањето на пратениците траеше, полиција немаше, но си мислев дека сѐ уште е рано. Дел од пратениците беа во крв, а видов и едно лице како замавна кон Села, а потоа истиот тој ме удри и мене“, сведочеше новинарката Мрѓа.
Пред судот таа раскажа дека на почеток од случувањата ѝ работел адреналинот и се обидувала, да забележи, сними пренесе што повеќе детали за вестите, но подоцна кога видела крв, кога во друга соба ја затвориле нејзината колешка Наташа и кога не добила помош од собраниското обезбедување, кај неа, како што кажа, завладеал страв за нејзиниот живот.
Страв предизвикале и моментите кога го видела тепањето на пратеникот Зијадин Села кого, како што опиша новинарката, крвнички го тепале шест до осум лица кои биле фокусирани на удари во главата.
Го тепаа Села, се бараше простор повеќе за да може да го удираат. Излегов од салата, па пак се вратив заедно со мојата колешка Наташа. Правевме снимки, но во еден момент кога неколку лица од групата не видоа го бараа нејзиниот мобилен телефон. Наташа им одговори дека ќе го даде телефонот само на еден од нив, по што ја викнаа во друга просторија каде што ја затворија, а со неа внатре влегоа три лица од толпата. Мене не ми дозволија да влезам. Тука побарав помош од член на собраниското обезбедување, кој ми кажа дека ништо не може да направи. Во еден момент вратата се отвори и ја видов Наташа во ќошот, цела во солзи. По ова дојде пратеникот Влатко Ѓорчев со полицаец во цивилка и ни беше кажано да останеме тука сѐ додека не нѐ евакуираат, сведочеше новинарката.
За време на случувањето во Собранието, таа дополни дека го видела пратеникот Ѓорчев како стои како жив ѕид за да ги одбрани колегите пратеници од толпата, а го посочи и Никола Тодоров како еден од лицата кои помогнале повредените да може да бидат изнесени од Собранието и испратени во болница.
Новинарката рече дека таа и нејзината колешка, заедно со уште неколку лица, со кордон биле спроведени во канцеларијата на Ѓорчев каде што имало пратеници и многу повредени лица.
Во своето сведочење Мрѓа посочи и дека се исплашила за својот живот кога почнала да се гуши од шок-бомбите кои биле фрлени пред нивната евакуација. Пред судот раскажа дека со колегите искоментирале дека толпата не ги убила, но на крајот ќе се угушеле во Собранието.
Состојбата за време на насилството ја опишуваше како страотна, напната и нервозна. Дополни дека била исплашена и во моментот кога сфатила дека полиција нема и дека сите кои биле во опасност во Собранието биле оставени сами на себе. Пред да бидат евакуирани од Собранието во касарната во Ѓорче Петров, новинарката посочи дека го чула Ѓорчев како му зборува на Џафери дека Албанци биле тргнати од Чаир и дека може да се случи нешто големо. Со евакуацијата во Ѓорче Петров таа го заврши своето сведочење, додавајќи дека заминала во телевизијата со повреди, а од стресот кој го доживеала тој ден во Собранието рече дека била и на психијатар.
По сведочењето на Мрѓа во судот како сведоци за настаните од 27 април ќе бидат сослушани и заменикот министер за внатрешни работи Агим Нухиу и тогашниот член на обезбедување на Оливер Спасовски, Сашо Тасевски, кој испука еден истрел во вцоздух за време на насилството во Собранието.