Помпео го нападна планот на ЕУ за избегнување на санкциите на САД за Иран

Американскиот државен секретар Мајк Помпео го нападна платниот систем со кој Европската унија планира да ги заобиколи санкциите коишто повторно САД ги воведоа против Иран и порача дека тоа Вашингтон нема да го дозволи ниту на ЕУ ниту на кој и друг, пренесуваат во средата агенциите за обидот на Брисел да го спаси меѓународниот нуклеарен договор со Техеран од 2015 година.

„Нема да дозволиме нашите санкции да ги заобиколи ниту Европа, ниту кој и да е друг“, изјавил шефот на американската дипломатија Мајк Помпео во вторникот, ден откако Европската унија го најави својот план. Помпео се нафрлил на системот SWIFT со која се извршуваат и надгледуваат банкарските меѓународни трансакции.

Високата претставничка на Европската унија за надворешни работи и безбедност Федерика Могерини најави во понеделникот дека ЕУ ќе создаде „пособено финансиско возило“(Special purpose vehicle – SPV) преку кој ќе му се овозможи на Иран да продолжи да ја продава и наплаќа својата нафта.

„Тоа е слично на компензација. Кога ќе купуваме нафта од Иран, парите ќе бидат уплатени на SPV. Доколку потоа европска компанија продаде некоја машина вна Иран, плаќањето ќе се изврши преку SVP“, објаснил за AFP европски дипломат и додал дека Иран може „единствено нафта да понуди за возврат,…. а со приходите од нафтата Иран може да увезува стоки“.

Мајк Помпео најавил во седиштето на Обединетите нации дека ситуацијата со Европа и Иран внимателно ќе се следи, и иронизирал дека Европската унија не најави никакви рокови за воведување на тој SPV систем и дека таков систем сé уште не постои.

„Тоа е најконтрапродуктивната мерка којашто е возможно да се замисли за мирот и безбедноста во регионот и во светот“, рекол Помпео на форум во Њујорк одржан против иранската влада, „Длабоко сум разочаран“, рекол Помпео, пренесува агенцијата DPA, и додал дека може да го замисли „корумпираното“ иранско раководство како „се смее“ кога слуша вести за таквиот платен систем

Таквиот платен систем само ќе го зацврсти Иран „како држава број еден којашто спонзорира тероризам“, порачал Помпео. Вашингтон ќе го смета Иран за одговорен за секој напад врз американските интереси, рекл и ја нарекол власта во Техеран „одметнат режим“ и ги наброил сите групации на Блискиот исток коишто според него ги поддржува оваа земја.

Договорот со Иран и шесте светски сили: САД, Русија, Кина, Велика Британија, Франција и Германија, беше постигнат по долги преговори во 2015 година во последната година од вториот мандат на претходниот американски претседател Барак Обама. Со него Иран се обврза да го сопре збогатувањето на ураниум над 5 отсто и да дозволи ненајавени меѓународни инспекции на неговите нуклеарни постројки за возврат на ублажување а потоа и укинувањето на децениските економски санкции. Трамп, кој и пред да стане претседател го критикуваше нуклеарниот договор во настојувањата за повторно приближување со Израел, во мај годинава ги повлече САД од договорот и повторно наметна санкции за Иран. Техеран, пак, од своја страна го обвинува Трамп дека води „психолошка војна“ против оваа земја.

Покрај враќањето на санкциите против Иран, Вашингтон се закани и на другите земји дека може да избираат дали ќе работата со Иран или со САД, по што многу европски големи компании, во прв ред француски и германски, се повлекоа од инвестициите на иранскиот пазар. Новата серија санкции САД ќе ги воведат на 4-ти ноември, и со нив директно ќе биде погоден иранскиот извоз на нафта, како и банкарските операции.