Само еден меч пауза за Роналдо

Фудбалерот на „Јувентус“, Кристијано Роналдо е казнет само со еден натпревар суспензија поради црвениот картон во натпреварот против „Валенсија“ во првиот круг од Лигата на шампионите.
Очигледно дека притисокот што го направи Португалецот во медиумите, како и реакциите на неговите фанови влијаеа на висината на казната. Во случај на директно досуден црвен картон следат најмалку два меча суспензија, а Роналдо доби само еден.

Германскиот судија Феликс Брих му го покажа картонот на Роналдо откако Португалецот го потегна за коса противничкиот фудбалер за да го крене од тревата. Многумина сметаа дека казната била претрог, а други, пак, го поздравија потегот на Брих бидејќи на Роналдо во минатото секогаш му се гледало низ прсти.

Тренерот на „Јувентус“ Масимилиано Алегри нема да може да смета на својот најскап играч само во вториот круг на групната фаза, каде што „Јувентус“ го пречекува аутсајдерот „Јанг Бојс“.