Во прекин железничката линија Велес – Гевгелија, се чека санација на мостот

Во прекин е железничкиот сообраќај Велес-Гевгелија. Попушти мостот на Црна река, во близина на археолошкиот локалитет Стоби. Пропаднал бетонскиот столб во надојдените води на реката. Вистинска драма се случувала во саботата попладне кога товарен воз кој пренесувал нафта од Солун кон Скопје стигнал до мостот.

Машиновозачот ја забележал вдлабнатината на пругата, успорил и внимателно поминал преку оштетениот мост. Веднаш ги алармирал колегите, на кои им кажал дека стабилноста е сериозно нарушена и дека мостот невообичаено се нишал. Екипите на македонски железници веднаш направиле увид и ги забележале пукнатините на мостот, а сообраќајот го прекинале.

Извори за Телевизија 24 коментираат дека можна причина се ископите на песок во реката Вардар, кои го менуваат коритото и на Црна река која тука се влива во Вардар.

Екипи на Македонски железници и денеска беа на терен. Велат дека проблемот е сериозен, анализи и испитувања веќе се прават, за да се најде брзо решение и се воспостави сообраќајот на овој важен железнички коридор. Оттаму се надеваат дека за 15 до 20 дена проблемот ќе биде надминат.

Поради појавени деформации на бетонскиот мост кој се наоѓа помеѓу станица Градско и крстосница Кукуричани, патниот правец Велес – Гевгелија е прекинат за сообраќај. Прекинот ќе трае до завршување на санацијата на дефектот, за што патниците ќе бидат благовремено информирани. во меѓувреме, возовите кои сообраќаа на релација Скопје – Гевгелија и Гевгелија – Скопје, ќе сообраќаат само до Велес и обратно“ – велат од Македонски железници.

Економските штети од прекинот на железничкиот сообраќај на оваа релација се огромни. Пругата ја поврзува европа со солунското пристаниште, а најголеми загуби секако имаат Македонски железници, но и македонските компани лоцирани после Градско, кои користат железнички сообраќај. На оваа пруга од Скопје за Гевгелија и обратно секој ден сообраќаат два патнички воза. Сепак, најголем удар има товарниот сообраќај, бидејќи алтернативниот превоз за целата стока која со возови поминува оттука, сега е пругата во Бугарија.