
ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривични пријави против повеќе од 200 лица за нерегуларности на референдумот, најави по завршување на седницата на Централниот комитет, потпретседателот на партијата, Александар Николовски.
Централниот комитет ја потврди одлуката од Извршниот комитет што се одржа вчера дека не го признава резултатот од референдумот затоа што станува збор за фалсификат. Од тие причини ВМРО-ДПМНЕ во текот на утрешниот ден ќе поднесе кривични пријави против повеќе од 200 лица- претседатели, заменици претседатели, членови и заменици членови на избирачки одбори на ИМ во Струга, Центар Жупа, Кичево, Желино, Боговиње, Пласница и Сарај. Ќе бидат поднесени и кривични пријави кон службени лица од МВР кои несовесно ја извршувале службата пред, за време и по референдумот, рече Николовски.
Тој додаде дека на сите овие лица на товар им се стваат шест кривични дела и тоа злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата, злоупотреба на избирачко право, изборна измама, фалсификување на деловни книги и повреда на тајноста на гласањето.
Според Николовски,ЦК ги потврдил донесените закучоци на Извршниот комитет, а тоа се: формирање пржинска влада со мандат од 100 дена, смена на јавниот обвинител и избор на нов на предлог на опозицијата со цел да бидат расчистени сите нерегуларности пред, за време и по референдумот и формирање на анкетна комисија за истражување на сите нерегуларности при процесот на референдумот.
Нашите услови се јасни, ние битката не ја водиме за власт ниту за избори. Заев порано или подоцна ќе си оди. Битката ја водиме за зачувување на името на Република Македонија и сме среќни што со резултатот од референдумот уставното име на Република Македонија е зачувано. Сè друго е второстепено и неважно, вели Николовски.
Тој рече дека на денешната седница немало кадровски прашања и повтори дека пратениците не потпишувале изјави дека нема да гласаат за уставни измени.
Централниот комитет на седницата донел заклучок општинските комитети итно да формираат општински изборни штабови кои што ќе фунционираат до завршување на претседателските избори.
ЦК детално ги разгледа и нерегуларностите во неколку општини каде што 50.000 гласови беа злоупотребени односно имаше полнење на кутии како и сите притисоци кои се случија пред и по референдумскиот ден. Скоро сите претседатели на општински комитети информираа дека голем број граѓани кои не излегле на референдумот или излегле да гласаат против се разместени од своите работни места и се бркани од работа од приватни компании, рече Николовски.