
Рускиот претседател, Владимир Путин проценува дека оваа година од Русија во Европа ќе бидат доставени 200 милијарди кубни метри гас, нагласувајќи ја важноста на проектот „Северен ток 2“ за европската економија, а австрискиот канцелар, Себастијан Курц во име на европските партнери изрази поддршка за изградбата на овој гасовод.
Европските земји ќе мора да го користат рускиот гас, бидејќи „другите опции се поскапи и ја намалуваат вкупната конкурентност на европската економија, рече Путин на прес-конференцијата по разговорите со австрискиот канцелар .
Путин додаде дека Русија и Европа се заинтересирани за реализација на проектот за гасоводот „Северен ток 2“, особено во контекст на тековниот пораст на побарувачката на европските потрошувачи.
Што ќе се случи? Ќе купува ли Европа 30 проценти поскап гас, вклучувајќи го и оној од САД? Може тоа да го направи, се разбира, но тоа не би било мудро, зарем не? Тоа ќе биде губење на пари и ќе ја намали нејзината конкурентност во светот, рече Путин.
Според него, проекти како што е гасоводот „Северен ток 2“ треба да се спроведуваат во интерес на светската економија.
Австриската компанија ОМВ учествува во изградбата на гасоводот „Северен ток 2“. Руската страна е задоволна од поддршката на Австрија во овој проект, кој е од големо значење за целиот европски континент, изјави рускиот претседател.
Курц рече дека европските земји кои учествуваат во проектот за гасоводот се заинтересирани за неговата имплементација и дека даваат целосна поддршка за изградба на гасоводот.
Ве уверувам дека земјите учеснички целосно го поддржуваат овој проект, дека имаат позитивен став во врска со тоа и дека сакаат заедно да го спроведат. Во исто време, мора да расчистиме и некои правни проблеми, важно за нас е да се земат во предвид интересите на Украина како транзитна земја. Се согласуваме дека Европа е особено заинтересирана за евтини и стабилно снабдување со гас, а таква потреба постои ако сакаме да обезбедиме енергетска безбедност. Сметаме дека за нашата енергетска сигурност ни се потребни повеќе извори за снабдување со енергија, рече австрискиот канцелар.
Според него, исто така е рационално да се утврдат повеќе правци за набавка на енергентите.
Затоа ние во Австрија го подржуваме проектот за поддршка на „Северен ток 2“, а го поддржуваат и нашите европски партнери кои учествуваат во него,истакна Курц.