Вработените во „Секјуритиком“ ќе добијат плати

Обвинителството даде зелено светло да се одмрзне сметката на фирмата „Секјуриком“, против чиј сопственик, Австриецот Волфганг Гампер и поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Васе Доневски е поднесено обвинение за криминал тежок 11 милиони евра преку тенедери за одржување на просториите на Владата.

Следејќи ја состојбата на вработените и грижејќи се за почитување на законските права на работниците на кои неколку месеци не им се исплатени плати и придонеси за нивната работа во правното лице за чиј сопственик е покренато обвинение, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје достави согласност за одмрзнување на сметка на правното лице. Имено, во март годинава, при спроведување на истражната постапка во врска со предметот во кој се обвинети директор на владина служба и сопственик на правното лице, согласно чл.200 од Законот за кривична постапка, на предлог на обвинителството, од страна на Судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 Скопје беше донесено Решение за привремено запирање на извршување на финансиски трансакции и привремено замрзнување на сметки на обвинетите и на четири правни лица. Одмрзнувањето на сметката преку која се исплаќаат платите и придонесите за вработените е до износ со кој се покрива нивната исплата за месец јули и август, велат од ОЈО.