
Проруската партија „Хармонија“ победи на вчерашните избори во Летонија и може да формира влада со популистите, пренесуваат денеска агенциите. „Хармонија“ освои 20 отсто, проевропскиот либерален сојуз ФОР/Развој 12 отсто, а двете популистички партии, КПВ ЛВ и „Новите конзервативци“ секоја по 14 проценти.
Во минатото партиите формираа коалиции со цел „Хармонија“, која победи и на изборите во 2014 година, да не може да формира влада. Коментаторите проценуваат дека проруската партија сега може да коалицира со популистите. „Хармонија“ ќе има 24 од 100 места во Парламентот, „Новите конзервативци“ 16 и КПВ ЛВ 15 пратеника.
Без „Хармонија“ стабилна коалиција не е можна, изјави Нилс Ушаков, претседател на партијата и градоначалник на главниот град Рига.
Владејачката коалиција на премиерот Марис Кучинскис, која ја сочинуваат „Лигата на зелените и селаните“, „Националната алијанса и единство“ освои околу 27 отсто од гласовите, речиси половина помалку отколку на претходните избори.
Досегашната коалиција на десниот центар успеа да ја обнови националната економија по кризата во 2009 година, но уморното изборно тело бара нови лица. Летонија подолго време ја тресат скандали со корупција и перење пари. Од друга страна „Хармонија“ е популарна кај руското малцинство кое претставува една четвртина од населението во земјата.
Летонија е членка на ЕУ и НАТО, а дели со Русија 276 километри границата. НАТО таму има распоредено повеќе од илјада војници па и најмалата промена во односот на политичките сили ги загрижува Брисел и Вашингтон.