„Сити“ промаши пенал за победа над „Ливерпул“

Фудбалерите на „Манчестер Сити“ не успеаја да му се реваншираат на „Ливерпул“ за ланските порази откако промашија пенал во финишот на мечот на „Енфилд Роуд“. Резултатот 0:0 е реален ако се има во предвид дека двете екипи се одлучија за подефанзивен фудбал од вообичаеното. Па така првото полувреме заврши речиси без сериозен удар на било кој од двата гола.

Вториот дел беше повозбудлив, а вистинската драма се случи во финишот кога Ван Дајк во 84 минута стартуваше врз Сане, а судијата покажа на белата точка. Бидејќи Агуеро беше изваден од игра,  Марез и Жесус се натегаа кој да шутира. Алжирецот, сепак,  ја зеде топката и промаши. Неговиот удар заврши високо над голот и на трибините. Промашениот пенал на Марез внесе дополнителна енергија кај фудбалерите, но до крајот немаше доволно време за да се промени резултатот.

По осум одиграни кола „Ливерпул“ и „Сити“ имаат по 20 бода, исто колку што има „Челзи“, но поради подобрата гол разлика екипата од Манчестер е на првото место.