130 години од излегувањето на весникот „Македонија“

Во издание на НУ Библотеката „Григор Прличев“ од Охрид и Друштвото „Базилика“ од Мешеишта – Дебарца излезе од печат книгата „Коста Шахов Книжевност“ на д-р Томе Груевски, професор по комуникологија на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.

Книгата „Коста С. Шахов Книжевност“  е подготвена по повод 130 годишнината од излегувањето на весникот „Македонија“ (1888) во Русе. Во книгата е презентирана книжевната дејност на овој македонски деец, публицист, основоположник на македонската публицистика и журналистика и истовремено и еден од основоположниците на македонската книжевна историја во втората половина на XIX  и првите две децении на XX век и непосреден учесник во градењето на лозарската идеологија и еден од основачите и прв претседател на Младата Македонска Книжевна Дружина во Софија во 1891 година. Во 2017 година авторот Т. Груевски ја објави книгата „Коста С. Шахов Публицистика“ во која се презентира новинарската дејност на Шахов кој се појавува како сопственик или како главен и одговорен уредник на 11 весници.

Проследувајќи го развојот на македонската проза од почетокот на XIX век, и „низ споредбени интенции доаѓаме до современиците на Шахов од редот на македонските литературни творци: Евтим Спространов, Атанас Раздолов, Христо Калчев, Васил Пасков, Никифор Попфилипов, Петар Стојков и уште некои други творци и на оваа „поприлично затемнета епоха и развојна етапа од македонската литературна историја“, истакнува професорот Томе Груевски.

Книжевната дејност на Коста Шахов опфаќа повеќе книги раскази: „Зугра“, (1893), „Стојан војвода“, (1890) „Албанска вдовица“,„Несреќниот Стојко“, „Миленко“, (1895) идр., што се објавени во весникот „Македонија“ од 1888 година во рубриката „Раскази“, но подоцна Шахов во 1893 година ги објавил во Софија, како посебни книшки.