
Црногорецот Јовица Вукотиќ, лидерот на криминалниот „шкаљарски“ клан, со фалсификуван македонски пасош патувал во шест европски држави пред да биде уапсен, минатиот месец во Турција, пишува српски „Блиц“. Вукотиќ патувал со македонска патна исправа, која прв пат ја употребил пред неколку месеци, а во која имало негова фотографија, но со име Ѓорѓија Андонов.
Од МВР засега нема коментар дали се запознаени со случајот и дали се истражува како Вукотиќ успеал да извади македонска патна исправа, бидејќи пасошот не може да се фалсификува.
Пасошот пронајден кај Вукотиќ за време на апсењето на турски ферибот во регионот на Анталија беше полн со печати од пасошки контроли на аеродромите ширум Европа. Во секоја од овие земји влегувал без проблеми, не предизвикува какво било сомневање дека патната исправа што ја подметнувал е фалсификат, рекол за „Блиц“ извор близок до истрагата.
Според изворот, Вукотиќ прв пат го искористил пасошот на македонски аеродром.
Вукотиќ по излезот од Македонија патувал во пет земји- Шпанија, Полска, Украина, Грција, а потоа и Турција. Не е познато зошто одел во овие држави. Се претпоставува дека станува збор за криминал, најверојатно дрога, бидејќи неговиот клан се занимава со дистрибуција на кокаин. И во Грција е баран со црвена потерница за шверц на 136 килогами кокаин, пронајден на крајот на минатата година во апартман во Атина.
Вукотиќ е означен како лидер на организираната криминална група „шкалјари“ која се доведува во блиски врски со најпознатата балканска криминална група на Лука Бојовиќ. Вукотиќ е исто така познат по тоа што и покрај бројните обвиненија е осуден само два пати, бидејќи вината за неговите криминали за преземале неговите блиски соработници.
Тој засега ќе биде обвинет во Србија за фалсификување исправи, бидејќи Турција поради лошите односи со Грција не им го испорачала, иако има и грчко државјанство, туку го екстрадирала во Србија.
Освен за шверцот со дрога, „шкалјарскиот“ клан се товари за низа убиства и обиди за убиства, како во Црна Гора, така и во Србија. Оваа криминална група веќе неколку години е во војна со “кавачкиот клан“, двете групи именувани според населби во Котор од каде потекнува Вукотиќ.
Во изминативе две години во пресметката меѓу овие две банди беа убиени триесетина лица.