
Врховниот суд на Грција издаде наредба да започне истрага за управувањето со европските пари исплатени на Атина како помош во справувањето со мигрантската криза во 2015 и 2016 година.
Обвинителите ќе покренат прелиминарна истрага по серија статии објавени во печатот, кој ја поддржува десничарската опозиција, а во која властите се критикувани за евентуална злоупотреба на парите. Околу милион мигранти и бегалци, од кои многумина избегаа од конфликтот во Сирија, во 2015 и 2016 година дојдоа на грчките острови во источниот дел на Егејското Море, во близина на брегот на Турција .
Шефот на операцијата за прием на бегалци, Андреас Илиопулос е еден од изворите на обвиненијата, што тој ги изнесе во интервју, минатата недела за весникот „Филелефтерос“. Грчкиот министер за миграциона политика, Димитрис Викас ги отфрли обвиненијата и го повика Илиопулос да поднесе оставка по неговите изјави, објави АФП.
Викас рече дека Грција добила 570 милиони евра итна помош, од кои 68 отсто биле предадени на хуманитарни групи и меѓународни организации, како што е агенцијата за бегалци на ОН (УНХЦР). Останатите пари биле проследени на грчката влада, односно Министерството за одбрана, чија одговорност беше да изгради околу 40 кампови за мигранти.