
Министерството за внатрешни работи ги демантираше информациите во текстот со наслов „МВР ќе купува фотелји и маси за 162.000 евра“, објавен од порталот „Економски“, кој, пак, го пренесе и „Нетпрес“.
Демантот ви го пренесуваме во целост:
Министерството за внатрешни работи најостро ги демантира невистините и злонамерните шпекулации што ги објавивте во врска со набавка објавена на официјалната страница на Бирото за јавни набавки, а со кои ја лажете јавноста дека се трошат средства за луксуз. Вистината е дека оваа јавна набавка се прави за опремување на полициските станици, како и за останатите организациони единици на ниво на цела држава, каде има итна потреба од замена на оштетен инвентар.
Се набавуваат бироа, ормари, маси и фиокари, метални ормари, метални каси, закачалки, канцелариски столици и фотељи. Значи канцелариски материјал кој е потребен за работа на полициските службеници. Тоа што е дотраено го менуваме со ново. Овозможуваме соодветни услови за работа на полициските службеници. По период од една деценија кога воопшто не се вложувало во подобрување на условите за работа на полициските службеници, новото раководство на МВР реши тоа да го промени и во периодот од јуни 2017 до сега се реновирани десетина објекти и опремени со соодветен канцелариски мебел, а се прават интервенции и во сите организациони единици каде ќе се укаже потреба.
Со ваквите активности продолжуваме и натаму и токму поради тоа е и оваа набавка. За ваквата сторија, МВР не е исконтактирано за изјава, ниту се побарани од нас дополнителни информации што е спротивно начелата на соодветни и непристрасно информирање.