
Денешното судење за случувањата во Собранието на 27 април беше прекинато поради влошена здравствена состојба на еден од обвинетите.
По паузата за ручек, адвокатот на Сашко Марковски и укажа на судијката Кацарска, дека му е влошена состојбата, по што беше повикана екипа на Брза помош.
Медицинските лица го прегледаа обвинетиот и го известија судот дека нивна препорака е да биде однесен во Воена болница и да биде направена рентген снимка, рече судијаката Кацарска и продолжението на судењето го закажа за утре во 10 часот.
Кацарска наведе дека следните рочишта ќе траат подолго за да се надополни времето кое се изгубило денеска и вчера кога судењата траеа пократко.
На денешното рочиште се гледаа снимките од собраниските камери 10 и 14.
На снимките се гледаа движењата во холот „Длаборез“, каде што се наоѓа канцеларијата на поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски и низ кој се поминува за да се влезе во прес-салата.
На една од снимките постојано се гледа движењето на шефот на личното обезбедување на Вељаноски, обвинетиот Горан Ѓошевски. Обвинителката Трајчевска констатира дека на снимката се гледа дека лекарите се тука и дека низ холот трчаат службени лица.
Нешто по 21 часот на снимката се гледа бел чад, а полициски службеници стојат пред холот. На снимката се гледаат и пратениците Влатко Ѓорчев и Крсто Мукоски како поминуваат низ холот. Обвинетиот Ѓошевски излегува во една од просториите и разговара со непознатото лице. По ова обвинетиот влегува во една од просториите каде што претходно влегуваат лекарите. Во еден дел од снимката обвинетиот Ѓошевски со полицајците се упатуваат кон прес-салата.