
Бугарски државни службеници за 5 000 илјади евра издавале потврди за бугарско потекло на државјани од земји што се надвор од Европската Унија врз основа на што добивале бугарски пасоши и државјанства за што Јавното обвинителство во Бугарија отворило истрага.
Истрагата била започната по сигнал добиен во Комисијата за спречување на корупцијата и за одземање на нелегалниот имот, пред околу четири месеци.
Покрај државјаните на Украина и Молдавија и на Македонски државјани им биле издавани лажни потврди за бугарски пасош. До сега во Бугарија се приведени дваесетина инволвирани личности помеѓу кои и шефот на државната Служба за Бугарите во странство Петар Харалампиев, служба која издава потврди за бугарско потекло на странците кои ќе докажат дека барем еден од нивните предци бил или е Бугарин. ТВ 24 стапи во контакт со Бугарското обвинителство од каде ни кажаа дека повеќе ќе има во текот на утрешниот ден. За бугарските медиуми портпаролот на обвинителството ги открива причините за истрагата.
Осомничените се товарат за корупција, злоупотреба на службената положба и фалсификување документи. Станува збор за организирана криминална група која се занимава со официјални документи и измами за мито. Во истрагата се осомничени 20тина луѓе, изјави Иван Гешев – заменик – главен портпарол на Јавно обвинителство – Бугарија.
Бугарските медиуми шпекулираат и дека во истрагата за пасошите е вклучен и министерот за одбрана и лидер на тамошното ВМРО Красимир Каракачанов.
Неофицијално, од прес центарот на министерскиот совет на Владата на Бугарија велат дека нема да коментираат случај за кои се води постапка и дека ќе почекаат на целосната истрага која ја води Јавното обвинителство.