Во Гостивар се случи она од што најмногу се плашевме

Во врска со трагичниот настан кој се случи синоќа во Гостивар, при што 17 – годишната Џехја Меџити од село Здуње, бегајќи од кучиња скитници паднала во водите на реката Вардар и се удавила, со реакција се јавија и од здруженијата за заштита на животни.

Како што велат оттаму, тие одамна апелирале дека еден ден ќе се случи ова што се случи и дека проблемот е многу поголем од тоа што се чини.

Нам ни е многу и искрено жал за оваа трагедија која се случи и сите не потресе. Апелираме луѓето да не посегнуваат по незаконски мерки, читам разни работи и закани. Секири, пушки, отрови – тоа е против законски и не е решение. Овој немил настан е доказ само колку проблемот е вон контрола. Ние нудиме решенија коишто ќе дадат резултати, но никој не не слуша – вели Радмила од здружението „Анима мунди“.

Од здруженијата за весникот „Слободен печат“ појаснуваат и дека градоначалникот Арбен Таравари е единствениот градоначалник којшто побарал помош од здруженијата во врска со кучињата -скитници, а исто така и појаснуваат дека подолг период апелираат за кучињата кои се тренираат за борби, а подоцна истите се фрлаат надвор и се агресивни и можат да ги напаѓаат луѓето.

Во околните села се произведуваат кучиња за борби кои подоцна како потрошен материјал се фрлаат на улица. Кучињата низ градовите не паѓаат од небо, туку тоа се истите кучиња кои луѓето ги чуваат, а кога ќе им стане тешко да ги чуваат или ќе им се здосадат, ги фрлаат на улица – велат од „Анима мунди“.