Заев најави дека од идната година ќе се посвети на економијата

Премиерот Зоран Заев најави дека по завршување на евроатлантските интегративни процеси, кои очекува да завршат на почетокот на 2019 година, ќе се повлече од неговите активности во надворешната политика и ќе се посвети на развој на економијата. Тој најави и дека од Германија ќе дојдат двајца советници, место еден, како што првично кажа по средбата со Ангела Меркел во Скопје.

Сакам да најавам дека на 23-ти овој месец со владата на Германија ќе формираме управувачки комитет, кој го договоривме со канцеларката Меркел при посетата. Од Германија и натаму ќе има грантови и донации. Од Германија ќе дојдат не еден туку двајца советници, од кои едниот директно ќе помогне за развој на дуалното образование и преквалификација на работната сила, која е потребна на компаниите, рече Заев на презентацијата на буџетот за 2019 година во Стопанската комора.

Тој кажа дека став на владејачките партии е следната година да нема парламентарни избори и рече дека примамливо е следната година заедно со претседателските избори да се направат и парламентарни избори на еден трошок, но дека одлучиле да не се оди на избори и да се продолжи со развој на економијата.

Знаеме како парламентарните избори влијаат на економијата, односно ја умртвуваат за 4 до 5 месеци. Секако тука има и други ставови, потоа ставовите на опозицијата, но сметаме дека конечно парламентарните избори треба да бидат редовни за да може економијата и бизнисите да растат, рече Заев.