Меј го именуваше Стивен Баркли за нов министер за брегзитот

Британската премиерка Тереза Мај го именуваше во петокот Стивен Баркли, досегашен државен секретар во министерството за здравство, кој гласаше за излегувањето на Велика Британија од Европската унија на референдумот во јуни 2016 година, за најнов министер за процесот попознат како Брегзит.

Премиерката Тереза Меј лично ќе ги надгледува последните десет дена од преговорите со Европската унија во рамките на идните односи со Обединетото Кралство, додека Стивен Баркли ќе се насочи на внатрешната подготвеност за Брегзитот и на усвојувањето на предлог-договорот во британскиот парламент. Или, како што кажа портпаролот на премиерката „Тој ќе има внатрешна улога“.

Баркли го заменува Доминик Рааб, кој поднесе оставка во четвртокот поради неговото несогласување на нацрт-предлогот за истапувањето од ЕУ, а пред него во јули годинава тоа го стори Борис Џонсон.

Поранешната министерка за внатрешни работи Амбер Рад оди на позицијата министерка за труд и пензиски систем, заменувајќи ја Естер Меквеј, којашто исто така поднесе во четвртокот оставка поради планот на Тереза Меј.

Стивен Баркли, четириесет шестгодишен поранешен банкар, претходно беше државен секретар во министерството за финансии. Правник по струка, Баркли работеше на регулацијата на финансиските услуги и на превенцијата на финансискиот криминал. Беше шеф на регулаторните работи, а потоа и го водеше одделот за спречување на перењето пари и санкции во банката „Barclays“.