МЖ Транспорт најави штрајк, доколку не се деблокира сметката

Машинскиот и извршниот персонал на МЖ Транспорт АД Скопје бара да се деблокира сметката на МЖ Транспорт која, како што тврдат, е блокирана од 2-ри месецов поради долг од 60 милиони денари за неплатена сметка за електрична енергија кон бугарската фирма „Рисвар“.

Душко Чакаровски

Доколку до четврток не биде надминат проблемот, и на машинскиот и на извршниот персонал не им бидат исплатени платата и материјалните трошоци за октомври, тие од петок наутро во шест часот нема да ги извршуваат работните обврски, посочи Душко Чакаровски, претседател на Независниот машински и извршен персонал

– Сметката на нашата фирма е блокирана во време кога фирмата работеше најпрофитабилно (имаше превоз на емигранти каде отидоа тие огромни средства) од 2016 година и не можеме да функционираме.  Бараме од повисоките структури во државата благовремено да интервенираат и да го решат овој проблем за да функционира железницата, а со тоа и стопанството во државата, изјави Чакаровски.

Тој се надева дека ресорното Министерство за транспорт и врски и Владата ќе го решат проблемот и нема да дојде до прекин на транспортот на суровини за стопанството и ќе можат да сообраќаат и меѓународните транзитни возови.