
Самостојниот синдикат на клиничкиот центар во Скопје реагира по повод најавеното покачување на платите на здравствените работници. Тие напоменуваат дека со ова покачување на некои од 5 отсто а на некои од 10 отсто ќе има поделеност, односно ќе има намуртени погледи од едните кон другите, притоа напоменувајќи дека тоа нема да успее.
Во врска со последните збиднувања околу предложениот буџет и покачувањето на платите на здравствените работници и соработници сакаме јавно да го споделиме нашето мислење и став без намера да добие било каква политичка конотација.
Го фрливте јаболкото на раздор. Со предложеното покачување на јануарската плата за здравствените работници и соработници влеговте во тимот, и дали од незнаење или со намера пробавте да го раслоите тимот, да го поделите.
Она што сме сигурни е дека нема да успеете во Вашата проба или намера. Но, го внесовте сомнежот. Дали докторот специјалист ќе се одвои од тимот, поставуваат прашање по социјалните мрежи дел од здравствените работници и соработници. Се вперуваат намуртени погледи од оние со 5 отсто кон оние со 10 отсто предложено покачување на коефициентот на сложеност за јануарската плата.
Синдикатот на клинички центар во неколку наврати изрази јавна поддршка на Вашата програма 2017-2020 година за двојно покачување на платите на здравствените работници, и докторите специјалисти во терциерното здравство до минимум 100,000.00 денари до крајот на мандатот со дополнително барање за вклучување и на здравствените соработници во таа програма како дел од тимот.
Истотака, Синдикатот на клинички центар даде јавна поддршка на концептот на единствен Универзитетски клинички центар и ја прифати потребата за реформи во јавната администрација со јасен и недвосмислен став да се сочува вработениот административен персонал во здравството во целост.
Задоволни сме и го цениме покачувањето на дежурствата на докторите во сите ЈЗУ во Република Македонија. Делумно сме задоволни од покачувањето на коефициентот на ноќниот труд, за кое сметаме дека има простор и треба и понатака да преговараме.
Не сме задоволни од динамиката на исполнување на програмата во делот на покачувањето на платите на здравствените работници и соработници. Не сме задоволни од бруто пресметките на основната плата, и додатоците на плата во пресметките за остварување на Вашата програма за платите во јавното здравство. Иако, согласно Законот истата така се пресметува, во пракса се преговара и пресметува основна нето плата.
За цело време сме конструктивни и сакаме да соработуваме. Реални и трпеливи веруваме во Вашите аргументи дека средствата во Буџетот се ограничени.
Но, оваа понуда за нас е едноставно неприфатлива. Овие предложени различни покачувања на коефициентот на сложеност од 10 отсто за докторите специјалисти и 5 отсто за останатите здравствени работници и соработници со јануарската плата длабоко задираат во меѓучовечките односи и ја нарушуваат тимската работа. Убедени сме дека треба да направите дополнителни напори и да изнајдете средства за покачување на коефициентот на сложеност од 10 отсто и на останатите здравствени работници, како и на соработниците со јануарската плата.
Вашите претходници со “проектот по учинок“ пробаа и беа упорни да ги разделат докторите. Политичките последици на нивната упорност со кои подоцна се соочија, покрај нашето укажување и револт, мислам дека Ви се добро познати.
Размислете за нивната погрешна проценка, и не го делете тимот“, велат од самостојниот синдикат на Клинички центар.