
Македонскиот премиер Зоран Заев му понудил на лидерот на Либералната демократска партија Чедомир Јовановиќ да биде советник во македонската Влада за регионални односи и европски интеграции, пишува српски Блиц.
Добрите односи на Јовановиќ и Заев се интезивирале, како што дознава српски Блиц, за време на референдумската кампања во Македонија. После неуспехот на референдумот, Јовановиќ изјави дека Србија не треба тендециозно да ги коментира резултатите на референдумот во Македонија, туку да и помогне ако може.
– Јовановиќ не одговорил конечно на понудата. Му рекол на Заев ако тоа што го сакаш ти го сака и Вучиќ, спремен сум, бидејќи никој друг нема да ги реши нашите проблеми– наведува добро информиран извор за српски Блиц.
Јовановиќ, меѓу другото, го поврзуваат со невладината организација КАНВАС, формирана во 2004 година од страна на Поповиќ и Ѓиновиќ. Нивно основно дејствување е подготовка на сценарио, логистика и план во земји каде што актуелната власт има голема поддршка од народот. Со еден збор, фабрика за предизвикување немири и војни.
Моделот што го продаваат чини од 10 до 50 милиони евра кои мораат да се уплатат на нивната сметка по „успешно“ завршената акција и насилното менување на власта.
Тоа им успеа во 2000 година во Србија кога беше сменет од власт Слободан Милошевиќ. Тогаш КАНВАС се викаше „Отпор“, а на чело, покрај Поповиќ беше и Чедомир Јовановиќ, кој во моментов ја предводи Либерално-демократската партија. Тој исто како и Поповиќ, денеска се едни од најбогатите луѓе во Србија.
Во периодот на политичката криза во Македонија, за време на делувањето на т.н. „Шарена револуција“, во медиумите беше објавувано дека токму активисти на КАНВАС држеле обуки на водачите на „Шарената револуција“.