
Поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков денес за прв пат откако е приведен треба да биде спроведен во Основниот суд Скопје 1 на рочиштето за случајот „Титаник 2“. Обвинетиот Мијалков се наоѓа во притвор во Истражниот затвор во Шутка на барање на СЈО кое тврди дека тој имал намера да бега. Ваквиот предлог беше прифатен од Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 и поранешниот прв човет на УБК пред неколку дена заврши во притвор.
За случајот „Титаник 2″ обвинети се лидерот на ДПА Мендух Тачи, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, како и поранешните членови на ДИК Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев.
Минатата недела Мијалков не беше спроведен на рочиштето за „Тврдина-Таргет“ со образложение дека судот немал доволно време да испрати наредба за спровод на обвинетиот до Истражниот затвор во Шутка.
Во овој случај за масовното прислушување еден од обвинетите е и Сашо Мијалков, а притворот е одреден токму за овој предмет. Причината за ваквата мерка е опасноста од бегство.
Изречениот притвор за Сашо Мијалков според неговите адвокати е политичко, а не правно решение. Во реакцијата адвокатите тврдат дека не постои никаква основа за мерките на претпазливост да бидат укинати и заострени, бидејќи, според нив, не е сменета ниту една околност во однос на моментот кога му се изречени.
Во неа уште се наведува дека определениот притвор е незаконски поради фактот што, според бранителите на Мијалков, тој повеќе од една година ги почитува определените мерки на претпазливост, се јавува на сите покани од судот и обвинителството.
Адвокатите поднесоа жалба до второстепениот суд и бараат укинување на ваквата мерка.