Комуналните претпријатија ќе ги бришат каматите на долговите на граѓаните до 2011 година

Граѓаните се спасени од плаќање на високите камати на старите долгови за комуналните услуги.

Собранието вчера го донесе Законот за отпишување камати за наплата на долгови што произлегуваат од услуги од вршители на комунални дејности, телефонија, мобилни и кабловски оператори, одржување на заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделско земјиште.

Наскоро, по завршување на процедурите за влегување во сила на овој Закон, кој е донесен на предлог на пратеници и од власта и од опозицијата, граѓаните кои имаат вакви долгови ќе можат да поднесат барања до комуналните претпријатија за да им се отпишат каматите кои во некои случаи повеќекратно го зголемуваат главниот долг. Но, со оглед на тоа што доверителите се главно приватни фирми, отписот е на доброволна база. Тоа значи дека каматите ќе се избришат само ако комуналното претпријатие се согласи со тоа.

Предвидена е процедура должникот прво да го плати главниот долг, а доверителот во рок од 15 дена откако ќе биде известен за тоа, да се изјасни дали ќе ја отпише каматата или не. Доколку изврши отпис на каматата, должен е веднаш, но не подоцна од осум дена по донесената одлука, за тоа да го извести нотарот или извршителот кај кого било трансферирано решението и да побара запирање на постапката.

Ова законско решение обезбедува отпис на затезната, односно казнената камата, што се однесува на главниот долг и на трошоците на постапката за наплата на старите долгови за струја, парно, вода и смет, телефонија, мобилни и кабелски оператори, одржување на заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделско земјиште. Притоа, вклучени се и трошоците на постапката од страна на должникот. Предмет на отпис е каматата што била пресметана од поднесување на тужбата за присилна наплата на паричниот долг, до неговата исплата.

Станува збор за проблем со кој граѓаните се соочуваат од 2011 година, кога ваквите предмети од судовите се пренесоа кај нотарите и извршителите. Па затоа, со овој Закон отпис на каматите е предвиден за сметките за кои постојат решенија за извршување издадени од суд, заклучно со 1 јули 2011 година и трансферирани кај нотар или извршител.

Се проценува дека овој Закон ќе биде спас за илјадници граѓани од кои е барано да платат долгови направени пред една деценија и повеќе, кои оптоварени со камати, адвокатски, нотарски и извршителски трошоци понекогаш се и десеткратно зголемени. Дел од граѓаните не ни знаеле дека должат, со оглед на тоа што им останале неплатени сметки уште од деведесеттите години на минатиот век, чија наплата е побарана сега.