Поранешниот адвокат на Трамп призна дека давал лажни информации на Конгресот

Мајкл Коен, поранешниот личен адвокат на американскиот претседател Доналд Трамп, се изјасни како виновен дека давал лажни изјави пред Конгресот во рамки на истрагата позната како „Рашагејт“ на специјалниот советник Роберт Мјулер, пренесуваат агенциите.

 

Откако се изјасни како виновен за прикривање данок и финансиски малверзации во рамки на претседателската кампања во август, Коен соработува со истрагата на Мјулер за наводното руско мешање во американските претседателски избори.

Коен призна дека информациите кои ги дал пред сенатскиот комитет во 2017 биле неточни. Во тоа време тој му кажа на комитетот дека обидите на Трамп да изгради Трамп тауер во Москва завршиле во јануари 2016. Тој кажа и дека никогаш не планирал да отпатува во Москва за да го истера проектот, и дека не добил информации од руската влада во врска со тоа.

Според судските документи, Коен денес признал дека проектот всушност траел до јуни 2016, и имало повеќе преговори во врска со тоа. Коен призна дека разговарал со Трамп за пат во Москва и дека бил контактиран од портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, од кого побарал помош за спроведување на проектот.

„Ги дадов тие лажни изјави за да бидам конзистентен со политичките пораки (на Трамп) и од лојалност (кон Трамп)“, му кажа Коен на судот.

Трамп низ целата своја претседателска кампања инсистираше дека нема актуелни бизнис зделки со Русија. Во изјава за новинарите Трамп денес Коен го нарече „слаба личност“ и истакна дека неговиот поранешен адвокат „лаже за да добие намалена казна“.