
Именување директор на училиштето „Невена Георгиева Дуња“, член на Управниот одбор на средното училиште „Васил Антевски Дрен“, аминување на годишни планови за вработување во градинките на територијата на Кисела Вода, се само дел од партиските вработувања на СДСМ во оваа скопска општина во периодот од февруари до јуни оваа година, се дел од содржината на документите до коишто дошла телевизијата Алфа од револтирани членови на владејачката партија, во најновото продолжение на прилогот како фунцкионирала мрежата за партиските вработувања.
Според податоците и изјавите на партиските членови на владејачката партија кои останале настрана од споменатата мрежа, Алфа во прилогот документираше дека на четиринаесетата седница на Извршниот одбот на Општинската организација на СДСМ за Кисела Вода, одржана на 4-ти јуни едногласно е избран наставник да биде нов директор на општинското осбновно училиште „Невена Георгиева Дуња“. Само десеттина дена потоа лицето е веќе на функцијата и склучува договори за јавни набавки во име на училиштето. На претходна седница, на 22-ри февруари, лице е предложено да биде член на Управниот одбор во средното економско училипште „Васил Антевски Дрен“, а веќе со одлука на 2-ри март, е назначено на позицијата.
Покрај тоа, на седницата на 23-ти април, се аминувале годишни планови за вработувања за 2019 година, во градинките „8-ти Март“, „Весели цветови“, именувани се членови во управните одбори на двете градинки.
„Потребна е реална корелација меѓу партијата и институциите. Раководните кадри во институциите мора да направат чекори за вработување на наши членови. Внатрепартиската кохезија, културата и нашата визија за иднината треба да ја сочуваме. Секој функционер на СДСМ има партиска и општествена мисија. Дел од функционерите добро ги вршат и двете функции, дел ги вршат општествените мисии, а забораваат на Партијата“, се наведува во документите презентирани во прилогот на ТВ Алфа.
Ова, според документите, е пораката што генералниот секретар на партијата СДСМ, Александар Кирацовски, им ја кажал на присутните на една од споменатите седници (04.06.2018). Неговиот став е целосно спротивен на она што јавно го зборува неговиот партиски челник.
„Партијата мора да се одвои од државата, тоа мора да се почитува. Тоа се и пораките на Прибе’, изјави Зоран Заев, претседател на Влада на Р. Македонија, на 6-ти сепември минатата 2017 година, потсетува телевизијата.
Кирацовски не ги коментирал цитираните изјави од седницата. Тој во одговорот изразува сомневање дека документите до кои дојде Алфа не се официјални документи на СДСМ, па „не заслужуваат“ коментар.
„Можеби станува збор за конструкции за кои не знам каква позадина имаат, не можам да зборувам за документ којшто не е официјален од партијата. Моите ставови како и на СДСМ се јавно соопштени и познати. Ви стојам на располагање јас, мојата партија, центарот за комуникации, за било која тема“, рече Кирацовски.
Министерот Манчевски, пак, не беше дециден во демантот на прилогот, и вели дека последниве две години е значително намален бројот на вработувања во јавната администрација.
„Го повикувам секој кој има докази да ги достави и инспекторатот да си ја преземе работата“, рече Дамјан Манчевски, министер за информатичко општество и администрација.
Не само во училиштата и градинките“.
Претходно седмицава ТВ Алфа презентираше докази за партиско вдомување на работни позиции во самата општина, но и во јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Македонски шуми“. Претходно од општината Кисела Вода изјавија дека сите вработувања се целосно законски, а од „Комунална хигиена“ одлучија да немаат официјален став.